Додека Турција го засилува производството на бакар, Македонија сè уште не го користи потенцијалот од Иловица

Цената на бакарот на светските берзи продолжува да расте, а со намалувањето на понудата, земјите сè повеќе се натпреваруваат да обезбедат сопствени извори на овој критичен минерал.

Трендот веќе се чувствува и во регионот. Грција, Бугарија и Романија се подготвуваат за нова експлоатација на бакарен концентрат, додека Турција засилено потврдува нови наоѓалишта и започнува со производство на нов бакарен концентрат. Во земјата се најавува производство од околу 40 илјади тони бакар годишно.

Во услови кога други држави го зголемуваат фокусот кон бакарот, Македонија сè уште не го користи целосно својот ресурсен потенцијал.

Единствената активна инвестиција во ново наоѓалиште на бакар во земјава е проектот во Иловица. Според проектните проекции, рудникот би преработувал околу 10 милиони тони руда годишно, со просечно годишно производство од над 10 илјади тони бакар.

Проектот е предвиден да функционира околу 23 години, а според проекциите на инвеститорот, потенцијалот на Иловица е да стане една од трите најголеми извозни компании во земјава, со годишен извоз од над 200 милиони евра.

Дополнително, инвестицијата би можела да има значајно влијание врз вработувањето и локалната економија.

Во моментов, освен Бучим-Боров Дол, кој произведува околу 8 илјади тони бакар годишно, нема други активни инвестиции во ископ на критичен минерал во Македонија.

Додека светот се обидува да обезбеди што повеќе бакар за индустријата и технолошкиот развој, останува прашањето дали Македонија ќе успее навреме да го стави својот ресурсен потенцијал во функција на економскиот развој.

Од друга страна, последниот пример од Турција покажува дека постоечки рудни наоѓалишта веќе ги испитуваат потенцијалите конкретно за бакар. „АЦГ Металс“ го произведе својот прв бакарен концентрат од рудникот Гедиктепе, со што официјално е ставен крај на ископот на скапоцени метали и цинк. Компанијата соопшти дека целта е годишно производство од 40.000 тони бакар. Во рудникот некогаш се ископувале злато, сребро и цинк, а сега производството се преориентира на бакар, бидејќи вештачката интелигенција, електрификацијата и другите технологии ја зголемуваат побарувачката за црвениот метал.

„Производството на нашиот прв бакарен концентрат го означува преминот на АЦГ во производител на бакар што е одлучувачка пресвртница за компанијата.

Нашиот приоритет сега е дисциплинирано зголемување на производството, обезбедување конзистентен квалитет на концентратот и напредување кон производство во стабилна состојба“, соопштија од раководството на рудникот.

Минатата недела на Лондонската берза на метали беше регистриран последователен раст на цената на бакарот, веќе десетта недела по ред. Цената достигна 14.304 долари за тон.

Аналитичарот на финансиската куќа Citigroup Inc., Том Малквин, прогнозира цена од 15.000 долари за тон до крајот на годината, со потенцијал да достигне околу 17.000 долари. Според него, вториот случај ќе биде можен ако производството стагнира, а побарувачката за бакар поради енергетската транзиција, центрите за податоци или стратешкото складирање се покаже како посилна од очекуваното.

Низа разочарувања ги поткопаа очекувањата дека глобалната понуда на рудниците ќе забележи барем скромен раст оваа година. Податоците на Меѓународната група за студии за бакар (ISCG) покажуваат дека производството се намалило за 1,1% во првата половина, при што главните производители забележале двоцифрен пад. Влошувањето на квалитетот на рудата, неуспесите во проектите и екстремните временски услови ја зголемуваат загриженоста за тоа дали понудата може да го одржи чекорот со побарувачката, бидејќи електрификацијата добива на интензитет во наредните години.

Back to top button
Close