Николоски: СДСМ и ДУИ експресно дале дозвола за изградба на урбана џунгла во Тетово во корист на контроверзниот Дака
СДСМ и ДУИ експресно дадоа дозвола за Детален урбанистички план, со кој на просторот на поранешен ШИК Јелак Тетово се предвидува изградба на урбана џунгла, која ќе му донесе заработка од 200 милиони евра на контроверзниот бизнисмен Миомир Дака Давидовиќ, обвинува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
На својот Фејсбук-профил, Николовски објави документи од кои, како што вели, се гледа дека се одело „на брза лента“.
Министерството предводено од СДСМ за само 7 дена одлучува дека е во ред планот со кој се предвидува урбана џунгла во Тетово од 230 000 метри квадратни од кои само станови се над 2 000 со 8 000 нови жители. Планот со кој се овозможува заработка од 200 милиони евра на инвеститорот се одобрува за само 7 дена, во услови кога граѓани по месец дена не може да извади обично уверение. Кога ќе се направи споредба за што приложувам документ се гледа дека во претходниот план скоро и да не се предвидени згради а во овој кој се носи тоа е скоро пола, во претходниот не се предвидени деловни простории а во новиот тоа е скоро една четвртина. Очигледно мотивот е голем, слушнавме во објавените разговори во јавноста дека 300 000 евра биле исплатени, а на тоа доколку се заврши работата треба да се дадат уште 2 000 метри квадратни како и 2 милиони евра. Се поставува прашањето кај кого од СДСМ и ДУИ завршиле? Како и кој е бизнисменот што ги дава?“,
пишува Николовски.
Миодраг Дака Давидовиќ, Николовски го опишува како контроверзен црногорски бизнисмен кој, како што вели, е еден од главните финансиери на политичките и општествени структури на Балканот кои се против евроатланската интеграција на целокупниот регион вклучително и Македонија.
„Целата негова бизнис кариера е поврзана со соработка со структури кои му овозможуваат добри профити кои потоа ги инвестира во подривање на аспирациите на земјите на Балканот за мир, соработка и интеграција во НАТО и ЕУ. Не случајно е еден од најконтроверзните ликови во Србија, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, соработник и пријател на најекстремните политички и верски кругови во овие земји, човек врз кој имаше обид и за атентат минатата година и човек кој не крие дека стои позади антидемократски и антизападни политики. Дали се свесни СДСМ и ДУИ, дали се свесни Заев и Ахмети дека овозможуваат огромен бизнис од кој профитот ќе биде употребен против стратешката европска и евроатланска ориентација на Македонија? Ако има консензус помеѓу клучните политички партии во Македонија за членство во ЕУ и НАТО како е возможно да се соработува со вакви контроверзни бизнисмени? Дали бизнис интересите се посилни од се? И дали Заев и Ахмети се свесни дека парите заработени во ШИК Јелак Тетово ќе се користат во целиот регион против демократски избрани влади?“,
праша Николовски.