Бобан Милошески од „Авалон“ јавно им се извини на „Слободен печат“ и на новинарката Мирослава Симоновска
Сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на почетокот на денешната прес-конференција во Клубот на пратеници, на која заедно со портпаролката на Владата Марија Митева и директорот на Државна лотарија Александар Климовски даваа отчет за прославата за 8 Септември, се извини на редакцијата на „Слободен печат“ и на новинарката Мирослава Симоновска за обвинувањето дека нејзиното прашање колку чинела прославата – е провокација.

– Еве јас сакам да ја злоупотребам прво оваа прес-конференција, мислам дека Мирослава Симоновска е тука, сакам да ја искористам оваа прилика да упатам јавно извинување за претходниот прес, за прво, неџентламенски искажаната прва реченица без персирање, и второ, афектно искажаната прва реченица без многу памет, да речеме.
Сега не знам, на колку од вас ви се случило во афект да изговорат нешто во афект од умор и од стрес и да им биде паметот побрз од мозокот, мене конкретно тоа ми се случи на таа прес-конференција, бев седнав помеѓу двајца полицајци, што верувајте ми, не е едноставно, не знам вие дали сте биле седнати до двајца полицајци, не е едноставно, контекстот на пресот беше сосема друг, не го очекував тоа прашање, без размислување одговорив во афект, пак ќе кажам од умор и од стрес…
Најискрено се извинувам и на Мирослава и на Слободен печат како медиум, медиум со кој што знам дека имаме многу добра соработка, можеби и најдобра соработка затоа што на многу квалитетен и релевантен начин ги следат нашите концерти што ги правиме вон оваа манифестација, најмногу добиваат светски интервјуа и така натаму… – рече Милошески.
На прес-конференцијата, Митева соопшти дека настаните организирани по повод независноста на државата чинеле околу 5.530.000 евра, односно 340 милиони денари. Од нив главнината е дивиденда на „Лотарија“ од 2024 година (300 милиони денари), а околу 40 милиони денари се донации од „општествено одговорни компании“ кои, како што нагласи Митева, не се криеле и јавно стоеле зад целиот настан






