Видео: Во Советот на Општина Кисела Вода расправии, обвинувања за закани и исфрлање на советник со обезбедување

На денешната седница на Советот на Општина Кисела Вода изби голема расправија помеѓу претседателката на Советот Светлана Колариќ, советникот од Левица Петар Здравевски и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, а во целиот хаос беше повикано и обезбедување со насоки да го отстрани Здравевски од просторијата.

Од Левица веднаш реагираа и изјавија дека потегот за отстранување на советникот од нивните редови претставува антидемократски манир кога противникот, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, не може да побива со аргументи, па преминува со закани и отстранување.

-Претседателката на Советот на Општина Кисела Вода, Светлана Колариќ, посегна по обезбедување за да го отстрани од седницата советникот на Левица, Петар Здравевски. Наместо да обезбеди нормална расправа и еднакво право на збор, раководството на Советот демонстрираше чиста вмровска ароганција и антидемократски манири – политичкиот противник да не се побива со аргументи, туку да му се заканува и со физичко отстранување од салата“, велат од партијата Левица.

Од партијата обвинија дека и на претходната седница советници од мнозинството вмешувале личности од семејството на советникот Здравески без причина, а на оваа седница, како што тврдат од Левица, советникот лично бил навреден и од градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

„А на ова му претходи уште погнасна пракса. Втора седница по ред советници од ДПМНЕ без апсолутно никаква потреба и повод, вмешуваат фамилија на Здравевски во политичката расправа, иако не се ниту функционери, јавни личности, ниту пак политички активни и со досие зад себе. Здравевски јасно предупреди неговото семејство да не биде вовлекувано во нивните примитивни практики и пресметки. За време на излагањето на советникот од Левица, Давид Бошковски, советниците од владејачкото мнозинство непрекинато дофрлаа и го попречуваа неговиот говор. Наместо да ги смири оние што ја нарушуваат седницата, претседателката се стави во функција на мнозинството. Советот во Кисела Вода изгледа така кога ќе го преземат вмровски силеџиски манири – можат да провоцираат, дофрлаат и навредуваат, а кога опозицијата ќе возврати, веднаш се повикува обезбедување. Во истата атмосфера се вклучи и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, со лични навреди кон Здравевски, а потоа со манипулации. Градоначалничка која на критика возвраќа со лични дисквалификации и мнозинство кое на несогласување одговара со закани за исфрлање покажуваат само едно, а тоа е паника пред секој што одбива да им молчи“, се наведува во соопштението на Левица.

Оттаму најостро го осудија овој чин кој го дефинираа како антидемократски.

-Советниците на Левица мандатот не го добиле од ДПМНЕ, од градоначалничката или од претседателката на Советот, туку од граѓаните. Затоа ќе продолжат да поставуваат непријатни прашања, да бараат отчет и да ги разобличуваат неработењето, злоупотребите и локалните марифетлаци. Кога одговорот на критика стануваат таткото на советникот, личните навреди и обезбедувањето, тогаш власта сама признава дека политички одговор повеќе нема!- велат од Левица.

Back to top button
Close