Поранешната директорка на „Комуналец“, Артана Асани од затворски во куќен притвор, продолжува истрагата за загадената вода во Гостивар
Поранешната директорка на Јавното претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, наместо во затворски притвор, ќе ја издржува мерката во својот дом. Гостиварскиот суд одлучил да го замени притворот со куќен притвор, додека истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар продолжува.

Асани беше лишена од слобода во јули, заедно со уште двајца раководители на претпријатието. Тогаш на сите тројца им беше определен затворски притвор, кој подоцна беше продолжен. Нејзината одбрана во меѓувреме побара мерката да биде заменета со куќен притвор.
Според последната одлука на судот, Асани и понатаму останува под мерка со која ѝ е ограничена слободата, но, наместо во притворско одделение, ќе престојува во својот дом, согласно условите определени од судот. Одлуката не ја прекинува истрагата, ниту значи дека е ослободена од сомнежите поради кои се води постапката.
Случајот се однесува на загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар, по што повеќе граѓани побарале медицинска помош поради стомачни тегоби. Во текот на истрагата се проверуваат околностите поврзани со управувањето и контролата на системот за водоснабдување.
Според досегашните сознанија на истрагата, се сомнева дека отпадна вода од отворен канал била внесувана со пумпи директно во водоводниот систем, што довело до загадување на водата за пиење.
Откако граѓаните почнале да се јавуваат во гостиварската болница со здравствени тегоби, надлежните утврдиле дека водата од градскиот водовод не е безбедна за употреба. На 17 јули беше изречена забрана водата да се користи за каква било намена.
Во наредните недели жителите на Гостивар се снабдуваа со вода преку цистерни, а во обезбедувањето вода беше вклучена и Владата. По ангажирањето екипи од скопски „Водовод“ и спроведеното прочистување на водоводната мрежа, на 14 август беше потврдено дека Гостивар повторно има безбедна вода за пиење






