ДУИ: 17.500 евра не можат да завршат кај заменик-директорот – да се истражи целиот синџир до Даути, Касами и Меџит

ДУИ преку соопштение бара истрагата за случајот со заменик-директорот во Царинската управа, кој беше лишен од слобода при примање на претходно обележани 17.500 евра, да не запре само кај лицето кое ги примило парите.

Од партијата велат дека, доколку парите биле побарани за користење влијание во две постапки пред Царинската управа, надлежните институции треба да утврдат во чие име и за чиј интерес било користено тоа влијание.

„Еден заменик-директор не носи одлуки сам, во вакуум. Тој е политички именуван, има политичка хиерархија и луѓе кои го предложиле, поддржале и поставиле на таа функција“, наведуваат од ДУИ.

Партијата бара да се испита улогата и евентуалната поврзаност на Мустафа Даути, Билал Касами и Изет Меџити со именувањето на функционерот, постапките за кои, како што се наведува, бил побаран поткуп и интересите што стојат зад нив.

Од ДУИ прашуваат дали парите биле наменети само за лицето што ги примило или требало да бидат предадени на други лица, како и кој евентуално требало да има корист од влијанието врз постапките.

„Касами и Меџити не можат да го затворат овој случај со политичко дистанцирање откако човек од нивниот систем е фатен со обележани пари“, велат од партијата.

ДУИ бара од Обвинителството истрагата да продолжи и да го утврди евентуалното учество на секое политичко или институционално лице за кое ќе постојат докази дека наредувало, посредувало или имало корист.

„17.500 евра беа фатени во раце. Сега мора да се открие за кого биле“, порачаа од ДУИ.

Back to top button
Close