Нема крај на пожарите во Македонија

Голем пожар вечерва избувна на подрачјето на Општина Кривогаштани, при што огнената стихија се протега од Годивле до ридскиот предел над селото Подвис.
На терен се ангажирани голем број екипи кои работат на локализирање на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење. Во гаснењето учествуваат припадници на ТППЕ Кривогаштани, ТППЕ Прилеп и ТППЕ Крушево, екипи од ЈП „Пелагонија“, ПО Кривогаштани, вработени од „Еуропрофил“ АД, како и жители од околните населени места и доброволци.
Градоначалникот на Општина Кривогаштани информира дека сите расположливи сили се на терен и дека се вложуваат максимални напори, пред сè, за заштита на куќите, имотите и безбедноста на жителите.
„Се вложуваат максимални напори за локализирање на пожарот, спречување на неговото натамошно ширење и, пред сè, заштита на куќите и имотите на жителите“, порача градоначалникот.
Тој упати благодарност до сите професионални екипи, доброволци и граѓани кои во овие тешки моменти несебично помагаат во справувањето со огнената стихија.
„Огромна благодарност до сите кои храбро и пожртвувано помагаат на терен. Нивната посветеност и солидарност се од огромно значење“, истакна тој.
Надлежните служби продолжуваат со активности за ставање на пожарот под контрола, а состојбата на терен се следи континуирано.






