Од полноќ нови цени на горивата – бензинот ќе оди над 100, дизелот ќе поевтини

Регулаторната комисија за енергетика денеска околу пладне треба да ги објави новите максимални цени на горивата, а владините пресметки веќе даваат прилично јасна слика што може да се очекува – поевтин дизел, но поскапи бензини.

Владата вчера попладне донесе одлука ДДВ-то за дизелот привремено да се намали од 18 на 10 проценти. Мерката ќе почне да важи од полноќ на 15 септември и ќе трае до 28 септември, а целта е да се ублажи силниот раст на цените на рафинираните нафтени деривати на меѓународните пазари.

 

Без даночната интервенција, според пресметките на Владата, дизелот денеска би требало да поскапи за околу пет денари – од сегашните 101 на приближно 106 денари за литар. Намаленото ДДВ, меѓутоа, го менува конечниот резултат и Владата очекува цената наместо да расте, да се намали за околу два денари – на приближно 99 денари за литар.

 

Практично, мерката амортизира ценовен удар од околу седум денари по литар. Пресметката е логична и од даночен аспект – цена од околу 106 денари со ДДВ од 18 проценти, со намалување на даночната стапка на 10 проценти, се спушта во близина на 99 денари.

 

Кај бензините нема вакво даночно олеснување, па растот на берзанските котации треба директно да се преслика во новата пресметка. Според Владата, ЕУРОСУПЕР БС-95 се очекува да поскапи за околу 3,5 денари – од 97 на околу 100,5 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 од сегашните 99 би се искачил на околу 102,5 денари.

 

Иако Брент утрово се движи околу 107 долари за барел, РКЕ не ја определува домашната цена директно според суровата нафта. Во формулата клучни се просечните седумдневни котации на рафинираните горива на медитеранскиот пазар – Prem Unl 10 ppm за бензините и 10 ppm ULSD за дизелот, објавени во Platts European Marketscan, како и курсот на денарот во однос на доларот.

Токму затоа денешната одлука на РКЕ ќе покаже колкав дел од силниот раст на меѓународните цени на дизелот ќе биде неутрализиран со намаленото ДДВ. Ако пресметките на Владата се потврдат, од полноќ ЕУРОДИЗЕЛ би чинел околу 99 денари, ЕУРОСУПЕР БС-95 околу 100,5, а ЕУРОСУПЕР БС-98 околу 102,5 денари за литар.

Back to top button
Close