Мицкоски за заканите: „Пишувал дека сум свиња и дека ќе ме колел на плоштад, се заканувал и на моето семејство“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска првпат јавно проговори за заканите поради кои Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези.

Мицкоски рече дека за случајот дознал вчера и откри дел од содржината на заканите што, според него, биле упатени кон него и неговото семејство.
„И јас вчера дознав за тие закани, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад, и упатил пцовки кон мене и моето семејство“, рече Мицкоски.
Премиерот порача дека очекува случајот да биде оставен на постапување на надлежните институции.
„Јас сум сепак институција. Кога не би бил, знам како се решаваат овие работи. Претпоставувам дека институциите си ги презеле надлежностите. МВР ги презело работите од своите надлежности, се надевам судовите ќе постапат согласно своите надлежности“, изјави Мицкоски.
Основното јавно обвинителство Куманово претходно соопшти дека повело постапка против 39-годишникот поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на сигурноста“.
Според Обвинителството, осомничениот преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата.
Обвинителот побарал притвор, при што како причини ги навел околностите на извршување на делото, ризикот од бегство и претходното поведение на осомничениот. ОЈО наведува дека тој се јавува како извршител и на други кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, како и на поголем број прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
Според проценката на Обвинителството, постои реален ризик агресивните испади на осомничениот да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици. За предлогот за притвор одлучува судија на претходна постапка.






