(ВИДЕО) Филипче: Со двете мерки на СДСМ, граѓаните ќе можат да купат до 205 литри гориво повеќе

Мерките што ги најавува Владата на Мицкоски за намалување на цените на горивата се задоцнети и недоволни и нема суштински да им помогнат на граѓаните, тоа е само манипулација. Затоа СДСМ предлага две конкретни мерки: целосно укинување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ од 18% на 5%, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.

Тој нагласи дека горивата веќе подолго време чинат над 100 денари за литар и дека од почетокот на годината нивната цена е зголемена за 50%, а Владата досега не понудила никаква поддршка за пензионерите, студентите, социјално ранливите категории и семејствата со повеќе деца.

 

 

„Овие мерки се многу задоцнети и нема да дадат никаков ефект, односно ќе имаат многу мал ефект, нешто што граѓаните не го заслужуваат. Тоа ќе биде само уште една манипулација, како нешто да се обидуваат да направат и да помогнат во оваа криза, а ништо суштински што треба да го почувствуваат граѓаните како олеснување”, рече Филипче.

СДСМ предлага две конкретни мерки: целосно укинување на акцизата за горивата и намалување на ДДВ од 18% на 5%.

„Да се укине акцизата на горивата и ДДВ да се намали од 18% на 5%”, порача Филипче.

Тој направи споредба за тоа колку гориво ќе можат да купат граѓаните со мерките на Владата, а колку со предлог-мерките на СДСМ.

„Доколку се имплементираат мерките на Владата, тогаш човек со просечна нето-плата може да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со нашите предлог-мерки ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе”, истакна Филипче.

Граѓаните што примаат минимална плата, исто така, ќе имаат значително поголема корист од мерките што ги предлага СДСМ.

„Човек со минимална плата, наместо со мерките што ги предлага Владата да може да купи 276 литри евродизел, ќе може да купи 334 литри евродизел, значи 58 литри повеќе. И наместо 288 литри евросупер – 398 литри евросупер, односно 110 литри гориво повеќе”, рече Филипче.

Значајното намалување на цените на горивата ќе има позитивен ефект и врз цените на другите производи.

„Ова се вистински мерки што граѓаните ги заслужуваат, затоа што ова значајно намалување на цените на горивата, со поддршка од страна на државата, може да предизвика и пад на останатите цени. Цените по маркетите се ужасни. Имаме поскапи цени од Германија – на прехранбени производи, пијалаци, на сè”, додаде Филипче.

Тој ја повика Владата да излезе од, како што рече, „светот на бајките и на таканаречената елита” и конечно да ги слушне проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

Back to top button
Close