Мицкоски: Без мерките дизелот ќе беше поскап за 11,5 денари по литар


Цената на горивата во Македонија е меѓу најниските во Европа, а владините мерки во следните две недели ќе значат директна заштеда за граѓаните од меѓу 4 и 4,5 милиони евра, изјави премиерот Христијан Мицкоски во гостување на Македонската радио-телевизија.

Според Мицкоски, високата цена на горивата е последица на исклучително високата цена на нафтата на светските берзи. Тој посочи дека, според светските познавачи, меѓу кои и директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, во светот во моментов се случува најголемата енергетска криза што човештвото не ја памети.

„Во овие услови, цената којашто ја имаат горивата во Македонија е најниска во Европа. Кога велиме најниска, е убедливо најниска во Европа. Можеби Руската Федерација и Белорусија имаат пониска цена на горивата од таа којашто е кај нас“, рече Мицкоски.

Премиерот направи споредба со земјите од соседството, посочувајќи дека горивата во Македонија се од 20 до 50 отсто поевтини во однос на цените во Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.

Мицкоски посочи дека без владините мерки, дизел-горивото би било поскапо за 11 до 11,5 денари по литар.

„Што значи тоа во пари? Тоа значи повеќе од 250.000 евра на ден. Толку е заштедата со мерките на Владата што ја прават граѓаните“, изјави премиерот.

Тој додаде дека, кога ќе се пресметаат и заштедите кај безоловниот бензин со 95 и 98 октани, вкупната директна заштеда за граѓаните надминува 300.000 евра дневно.

Според Мицкоски, пониските цени на горивата имаат влијание и врз инфлацијата, која во јули и август, како што рече, била меѓу најниските во Европа и се движела во рамките на два до три отсто.

„Она коешто го прави Владата во моментот, во следните две недели, ќе значи директна заштеда во буџетот на граѓаните помеѓу 4 и 4,5 милиони евра“, рече Мицкоски.

Back to top button
Close