Штерјова: Обвинителството да отвори истрага, има ли одлука на Собранието на Лотарија за лотото на Мицкоски од 5,5 милиони евра
Обвинителството да отвори истрага, има ли одлука на Собранието на Лотарија за лотото на Мицкоски од 5,5 милиони евра. Откако арамијата Мицкоски излажа дека се потрошени „нула денари“ за прославата на незавиноста и јавноста дозна дека отишле 5,5 милиони евра, владата ги крие документите, кажа Кети Штерјова од СДСМ денеска на прес-конференција.

Станува збор за огромни народни пари, а власта ги крие одлуките, договорите, анексите, фактурите, исплатите, на граѓаните им крие каде ги потрошиле нивните пари.
Така функционира криминална банда, организирана криминална група:
Крие, за да не се дознаат провизиите, криминалите, матните зделки, да не се дознае дека во нивните џебови завршија 5,5 милиони евра.
Граѓаните ја платија сметката за Мицкоски и не може да се крие.
Сега Јавното обвинителство мора веднаш да отвори истрага, да ја обезбеди целокупната документација и да го следи текот на парите и начинот на кој се носеле одлуките.
Владата ѝ наложила на Државната лотарија да ја организира и финансира прославата.
Aко Владата постапувала како претставник на државата во својство на акционер, каде е одлуката на Собранието на акционери?Затоа што мора да ја има согласно закон. Тоа е клучна, појдовна точка.
Кој орган одобрил да се потрошат над 300 милиони денари, на која седница била донесена одлуката, кој гласал за неа и врз основа на кој закон.
Второ, е јавниот повик. Тој траел само пет работни дена и пристигнала само една понуда.
Повикот завршил на 8 мај, а само три дена подоцна власта веќе го најавила настапот на Дејвид Гета.
Значи обвинителството треба да утврди дали условите биле однапред приспособени и дека организаторот бил однапред избран, договорен и платен.
Обвинителството мора да утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога бил договорен, кој го договорил и кога бил исплатен.
Колку заработиле „Стардаст“, односно „Авалон“, и како биле вршени исплатите додека компанијата имала блокирана сметка.
Јавноста мора да добие одговор и каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети и дали за овие приходи бил платен данок.
Премногу матни зделки. Премногу сокриени информации. Премногу неодговорени прашања.
А потрошени се 5,5 милиони евра за прослава за која арамијата Мицкоски ги излажа граѓаните дека чини „нула денари“.
Да беше сè чисто и законски, немаше да се кријат документите.
Да немаше што да се сокрие, арамијата Мицкоски немаше да лаже.
Затоа бараме веднаш да постапат Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија.
Народот не е ниту „талог“, ниту „идиот“.
Не можете постојано да ги лажете граѓаните, да ги трошите нивните пари и потоа да ги криете одговорите.
Доаѓа времето на вистината и правдата.






