Мицкоски: Владата ќе продолжи да помага да се носат светски музички ѕвезди
„Најпрвин, ќе ми дозволите да им се заблагодарам на сите луѓе коишто учествуваа во оваа достоинствена прослава и одбележување на 35-годишнината од независноста. Почнувајќи од првиот настан, каде што гостуваше повторно светска ѕвезда на стадионот во Битола — под Тумбе Кафе, на 2-ри август, па сè до последниот настан, каде што беше повторно мега-светска ѕвезда — Дејвид Гета.

Во меѓувреме имавме неколку мјузикли низ градовите во државата, под мотото „Силно светнал ден“. Потоа беше оној настап на светската мега-ѕвезда, Хосе Карерас, заедно со македонскиот „ол-стар“ состав на скопскиот плоштад. Тука беа и поединечни настани, исто така со светски ѕвезди во Струмица — Окенфолд, Ван Дајк, македонски рок-бендови, меѓу кои и концертот на „Меморија“ во Струмица итн. Станува збор за опфат од помеѓу 200.000 и 250.000 среќни македонски граѓани коишто ова лето се дружеа со македонските, но и со светските ѕвезди“, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во гостувањето во Централниот дневник на МРТ.
Мицкоски се осврна на активностите коишто се одвиваа по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија и соопшти дека ќе продолжи праксата Владата да помага да се носат светски музички ѕвезди, како и да се поддржуваат домашните уметници.
„Им благодарам на македонските пејачи, актери, организатори, продуценти, режисери, сценаристи — нека ми прости некој ако биде заборавен. Им благодарам што направија навистина лето коешто ќе биде незаборавно, лето коешто долго ќе се памети и ќе претставува основа за годините коишто следат“, рече Мицкоски и додаде:
„Јас слушав на прес-конференцијата дека обврска на организаторот е да достави трошковник до Државната лотарија и, според изјавите на директорот на Државната лотарија, тој трошковник ќе биде доставен и објавен. Така што опозицијата нека продолжи да тоне во своите интриги и измислици, а ние ќе продолжиме да работиме и да го испорачуваме она што го очекуваат граѓаните од нас. Еве, ќе кажам и ќе најавам тука повторно, уште еднаш, дека општествено одговорна компанија како Државната лотарија ќе продолжи и во годините коишто следат да ги поддржува македонските културни работници, македонските актери, македонските музички изведувачи итн.“






