„Возачите да не го држат М-ТАГ уредот во рака“: М-ТАГ функционира, но корисниците неправилно го користат, велат од ЈПДП

Крајот на летната сезона и почетокoт на училишната година го зголемија протокот на патници на наплатните станици на автопатите ширум Македонија, а модернизирањето на рампите со воведување наплата со М-ТАГ и М-Кард требаше да го олесни патувањето и да го намали чекањето.

Сепак кога има малку зголемена фреквенција на патиштата, на виделина излегуваат некои проблеми при поминувањето и наплаќањето на патарини.

Дел од граѓаните се жалатдека со својот М-ТАГ уред мора да чекаат на лента наместо да поминат со 20 км/ч поради тоа што наплатната станица има уред за наплата со картичка на истата лента, додека еден дел се пожалија на тоа дека М-ТАГ уредот не функционира на наплатните станици. Тоа пак создава нова гужва затоа што возачите мора да се вратат назад и да променат лента за наплата.

„Во моментов се работи на модернизацијата на наплатната станица Миладиновци и работите се одвиваат според договорните услови. Што се однесува до уредите М-таг на наплатните станици генерално е во ред, но проблеми главно се јавуваат од страна на корисниците кои неправилно го користат нивниот М-таг уред.

Имено, уредот М-таг најдобро функционира кога е поставен (залепен) на соодветно место од каде го испраќа правилно сигналот до уредот на рампата. За жал корисниците на М-таг најчесто уредот го држат во раце каде е голема веројатноста да не се прочита и тогаш настанува проблем бидејќи возилото е веќе регистрирано на лентата.

Апелираме секое возач кој користи М-Таг уред наместо да го држи во рака да го постави (залепи) на оригиналниот држач со што нема да се појавуват проблеми во неговото исчитување“, велат од ЈПДП за „Фокус“.

Наплатните станици во Тетово и Гостивар, како што велат од ЈПДП, немаат електронска наплата, но наскоро и овие станици ќе се модернизираат. Модернизацијата на наплатните станици со М-ТАГ и М-Кард ќе заврши кога ќе заврши изградбата на Коридорот 8. Претходно треба да заврши модернизацијата на наплатната станица Миладиновци .

Повеќе

Back to top button
Close