ОЈО поднесе обвинени за лицето кое со бензин ги полеа и ги запали возилата пред Амабасадата на Република Бугарија во Скопје
Обвинителството поднесе обвинение против едно лице за палењето на возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, што се случи на 15 јуни годинава. Лицето се товари за кривично дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“.

Обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје поднел јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по спроведената истражна постапка.
Според обвинението, обвинетиот на 15 јуни, околу 12:05 часот, пред амбасадата предизвикал пожар со кој создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.
Во обвинението е наведено дека претходно на бензинска пумпа во близина на амбасадата наполнил пластично шише со бензин, по што се упатил кон објектот. Кога пристигнал кај паркираните возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во амбасадата, ги полеал со бензинот и ги запалил. Потоа веднаш го напуштил местото.
Со обвинителниот акт, јавниот обвинител доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, со оценка дека и понатаму постојат причините поради кои таа била определена и продолжувана.
Од Обвинителството сметаат дека постојат околности кои укажуваат на опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и со тоа да го попречи водењето на кривичната постапка. При предлагањето на продолжување на притворот биле земени предвид и висината на запретената казна, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, насочени кон сигурноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, меѓу кои и дипломатски претставници.
Согласно Кривичниот законик, за кривичното дело за кое се товари обвинетиот е предвидена казна затвор од најмалку една година.






