Менталитет на непријателство
Димитар Димитров
Насловот е парафраза од синтагмата на Кисинџер “антагонизам кон Русија” и синтагмата во кинескиот предлог мировен договор “менталитет на ладната војна”, употребени за објаснување на причината на Руско-Украинската војна и за нејзино запирање. Двете синтагми се конвергентни, се разликуваат во опфатот, па можат да се стопат во “менталитет на непријателство”. Кое укажува на долготрајноста и на длабочината на причината, на нејзино отсликување и вкоренување во психологија, во страсти и стереотипи.

Такво кобно непријателство адресираат двете синтагми како причина за војната, а не непосредно непријателство меѓу завојуваните страни. И тоа има карактер имено на ментален ѕид што, како нож – погачата, го дели континентот на 60 проценти политичка Европа и на 40 проценти географска Европа која и’ припаѓа на евроазиска Русија. Тој ѕид толку се противи на физиката и на умот, што не може ни да се формулира категоријално прецизно. Дихотомијата Запад – Русија логички подразбира редукција на континентот на 60-те проценти и вклученост на САД – држава од преку Атлантикот; ѕидарите на ѓаволот за Русија употребуваат метафора “руската мечка”; нивните противници враќаат со “русофобија”. Во контекст на војната САД се повлекуваат, па сега “Западот” го претставува Европската Унија плус Велика Британија, историскиот протагонист на ѕидот.
Менталитетот на непрителство условува одбранбена политика во вид на проширување: на Западот со проширување на НАТО кон Русија; на Русија со навлегување во Украина, со “Специјалната воена операција”. Цинизам е што оваа чемерна жетва на менталитетот на непријателство Европа веќе еднаш ја искусила, со антируска коалиција на .западните империи, плус Турција, при Кримската војна (1853 -1855). Коалицијата се повторила во дипломатски вид на Берлинскиот конгрес, во контекст на Руско-Турската војна (1877 – 1878). Руската експанзија кон југоисток е сопрена со таква безобѕирна инструментализација на Балканот, што дотогаш солидарните народи под турското ропство ги свртепе едни против други, во спирала од двете балкански војни, што ескалирале во двете светски војни; при распадот на Југославија – во трети балкански војни и во нестабилност што до ден денес го измачува регионот.
За жал, Руско-Украинската војна покажува иста тенденција на ескалација: од воен кон цивилен домен; од руско-украински кон руско-европски конфликт; кон трета светска војна. Каков било напор за пролонгирање на војната, е влог во продолжено усмртување на невини луѓе; не во помош на Украина или на Русија. Курсот на милитаризација на ЕУ се коси со нејзиниот етос на заедница на вредности. Со претпоставка на сосед непријател, таа си го изнакажува својот сопствен профил: пропишува добрососедство како услов за зачленување, а почнува преговори со земја во војна! И си импортира војна! Додека на земјите од Западен Балкан душа им вади заради добрососедство, кое не зависи само од нив.
Географска, економска и цивилизациска Европа опстојувала и покрај, и наспроти менталитетот на непријателство. Да се отфрла рускиот удел во неа, значи да се изврши (фашистичко) самоубиство. Сум пиел од сите извори на западната култура, но не можам да се замислам без руската култура. Без акултурација во рамките на континентот, и преку него, нема homo sapiens, нема Европеец. Има рудиментирани грешници, алчни за власт и пари. Тие се хушкачи за продолжување на војната дури има недолжни Украинци и Руси за убивање. Воени профитери, кои ја живеат смртта на жртвите.
Момент е, спротивно на таа деструктивна стратегија на воено-индустрискиот комплекс, да се запре војната пред да помине во трета светска и да се работи на атмосфера со надградба на онаа след Втората светска војна. Тогаш е промовиран Советот на Европа, како зачеток на единствена Европа. Но неговиот развој го блокира ладната војна. Скапо платена поука од војната што таа ја роди, е да се одблокира тој развој, да се блокира ладната војна. За единствена Европа да добие крилја и да го прелета ѕидот што ја дели од географска Европа од пред – и по падот на Берлинскиот ѕид. Во духот на кинеската мудрост што препорачува “напуштање на менталитетот на ладната војна”. Само “војна” против тој менталитет, може да ја изведе Европа на патот кон мирот.
Слава на “Јаблоко”, руската партија која бара веднаш да се запре војната!






