Ферати – Вал: Фокус на дијалогот меѓу заедниците и спречувањето на насилството
Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати денеска оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.

На почетокот на средбата, како што соопшти Министерството, министерот Ферати му се заблагодари на амбасадорот Вал за поддршката што ОБСЕ ќе му ја обезбеди на Министерството со пет тематски експерти и еден водечки експерт, со цел да се даде поддршка во изработката на Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија.
На средбата било разговарано за значењето на унапредувањето на соработката меѓу заедниците и зајакнувањето на социјалната кохезија, со посебен акцент на младите и политиките за спречување на насилството меѓу врсниците.
Министерот Ферати го претставил концептот „25 и понатаму“ нагласувајќи ја важноста од вклучувањето на локалната самоуправа и младинските центри, со цел да се обезбеди учество на сите заедници во процесот на креирање долгорочни и развојни политики.
– Како други приоритети беа истакнати и образованието, економијата, граѓанското општество и стартапите. Двете страни се согласија за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Министерството и ОБСЕ, како и за конкретна поддршка во приоритетните области. Двајцата соговорници ја истакнаа потребата од конкретно дејствување во насока на градење доверба меѓу сите заедници – се додава во соопштението.






