Мегадата-центар во Кожани: Грчката национална компанија за електрична енергија и Amazon Web Services потпишаа меморандум
– Меморандум за разбирање со кој се утврдуваат рамката и главните услови за развој на објект за дата-центар во областа Агиос Димитриос во близина на Кожани во северозападна Грција, што во почетната фаза ќе располага со 300 мегавати влезна електрична моќност, потпишаа грчката национална компанија за електрична енергија (ДЕИ) и Amazon Web Services (AWS).

Меморандумот, како што информираа од ДЕИ, предвидува дека Amazon Web Services ќе го закупи објектот на дата-центарот по неговата изградба преку долгорочен закуп на период од 15 години во согласност со вообичаените услови, грчката компанија за електрична енергија ќе ги обезбеди локацијата, објектите и придружната енергетска инфраструктура, а AWS ќе ја инсталира и ќе управува со ИТ-инфраструктурата.
– Во почетната фаза објектот на дата-центарот ќе располага со 300 мегавати влезна електрична моќност. ДЕИ и AWS планираат да разгледаат понатамошно проширување (до еден гигават) во зависност од меѓусебниот договор, условите на пазарот и склучувањето дополнителни конечни договори. AWS купува, а ДЕИ обезбедува електрична енергија преку долгорочни договори за купопродажба на електрична енергија од обновливи извори (под вообичаените услови) во согласност со целта на Amazon да постигне нулта нето-емисија на јаглерод во своето работење до 2040 година – соопштија од грчката компанија.
Паралелно, двете компании планираат да разгледаат повеќегодишна соработка во областа на облак-услугите и вештачка интелигенција за да се поддржи дигиталната трансформација на ДЕИ.
Американската Amazon Web Services е најголемата платформа за облак-услуги, што на компаниите и организациите им овозможува да го забрзаат иновирањето, да ги намалат трошоците и поефикасно да го зголемат обемот на своето работење.
Дата-центарот е во рамките на планот на ДЕИ за искористување на поранешните објекти на лигнитните термоелектрани за трансформирање на северозападна Грција во енергетски и технолошки центар создавајќи нови можности за економска активност во регионот.
Пред 20 дена за време на посетата на Кожани, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја најави инвестицијата посочувајќи дека на местото на електроцентралата во Агиос Димитриос, „која сега е една руина, ДЕИ во оваа област ќе изгради најсовремен дата-центар“.
– Најмодерната инфраструктура за вештачка интелигенција во земјата ќе биде изградена овде, во вашиот регион, во Кожани – порача Мицотакис во говорот пред жителите на градот.
Во април минатата година Грчката национална компанија за електрична енергија најави инвестиции во зелената енергија и технологија во висина од 5,75 милијарди евра за трансформација на регионот на северозападна Грција, а главниот проект во овие инвестиции е токму дата-центарот.
Тогаш посочија дека кога ќе се потпишат соодветните договори, објектот ќе се рангира меѓу најголемите во Европа, ќе отвори нови работни места и ќе поттикне нов раст „бидејќи се очекува околу него да се развие поширок технолошки екосистем“.
Претседателот и извршниот директор на ДЕИ, Јоргос Стасис, тогаш нагласи дека нивната визија е конкретниот регион „да стане водечки центар за зелена енергија и технологија во Грција и Југоисточна Европа“, а со инвестицискиот план да се трансформираат поранешните лигнитни подрачја.






