Дизелот и бензинот рушат рекорди во ЕУ: Цените на највисоко ниво во последните 20 години
Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија оваа недела достигнаа највисоко ниво откако се следат податоците, односно во последните повеќе од 20 години. Според податоците на Европската комисија, полнењето резервоар од 50 литри со бензин сега чини околу 103 евра, а со дизел 108 евра, пренесува Index.hr.

Растот на цените значително го поттикнуваат високите рафинериски маржи, а експертите на Европската централна банка проценуваат дека маржите за дизелот врвот ќе го достигнат дури во октомври, што укажува на можноста цените да останат високи.
Цените на горивото на бензинските станици значително пораснаа по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, што дополнително ги засили инфлаторните притисоци. Европската централна банка соопшти дека инфлацијата на енергенсите во еврозоната во август скокнала на 14,3 отсто, во однос на 10,3 отсто во јули.
Просечната цена на литар бензин во ЕУ на 14 септември изнесувала 2,063 евра, а на дизелот 2,159 евра. Станува збор за највисоките забележани цени откако Комисијата во 2005 година почнала да ги следи податоците. Претходната рекордна цена на бензинот била забележана во 2022 година, додека цената на дизелот последен пат се приближила до сегашното ниво во април годинава.
Цените значително се разликуваат меѓу земјите членки. Најевтин бензин има на Малта, каде што литар чини 1,34 евра, додека најскап е во Данска, со цена од 2,56 евра. Дизелот исто така е најевтин на Малта, каде што литар чини 1,21 евро, додека најскап е во Финска, со цена од 2,51 евро.
Податоците потекнуваат од неделниот билтен на Европската комисија за нафтата, објавен на 17 септември, а се однесуваат на цените забележани на 14 септември, со вклучени даноци и акцизи.
Растот на цените трае со месеци, од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, која го наруши протокот на енергенси низ Ормускиот Теснец. Цената на референтната сурова нафта брент на врвот на конфликтот надминала 126 долари за барел, а во петокот со барел за испорака следниот месец се тргувало по цена повисока од 104 долари. Пред војната цената била околу 72 долари.






