Мексико од ноември ќе ја забрани употребата на мобилни телефони во училиштата
Мексиканскиот Секретаријат за јавно образование (SEP) денеска објави дека од ноември ќе стапи на сила забраната за мобилни телефони во училиштата.

Основните училишта ќе мора целосно да ја ограничат употребата на мобилни уреди и таблети, додека средните училишта ќе можат самостојно да пропишуваат правила поврзани со телефоните, објави порталот „Xataka México“.
Точниот датум кога забраната ќе стапи на сила ќе биде објавен подоцна, а пред тоа училиштата ќе организираат кампања за време на која новите правила ќе им бидат објаснети на учениците и наставниците.
Секретарот за јавно образование Марио Делгадо изјави дека сè уште не е прецизирано како ќе се применува ограничувањето, какви исклучоци ќе има и дали телефоните ќе им бидат конфискувани на учениците при влегување во училиште.
Делгадо на прес-конференцијата објасни дека 16 држави веќе имаат некаков вид ограничување за употреба на телефони во училиштата.
Повеќе од 80 проценти од наставниците ја поддржаа новата мерка.
Во анкетата учествувале 565.396 вработени во училиштата, а 48 проценти од испитаниците оцениле дека мобилните уреди им го одвлекуваат вниманието на учениците.






