Захарова му упати шест прашања на Берлин за Навални

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, му упати неколку прашања на шефот на германската дипломатија Хајко Мас поради тоа што, како што наведе, германските власти одложуваат на Москва да и предадат информации за состојбата на Алексеј Навални.

На нејзината страница на Фејсбук таа се осврна на изјавата на германскиот министер дека Берлин одамна дал дозвола на Москва да и се предадат информации за Навални, но дека и натаму се во тек прегледите врз пациентот на клиниката.

Коментирајќи ја изјавата на шефот на германската дипломатија, Захарова истакна дека има неколку прашања до германското Министерство за надворешни работи.

Руските медиуми наведуваат дека Захарова го прашува Маса зошто се даваат политички изјави ако се уште се вршат прегледи врз Навални, зошто политичарите, а не претставниците на полицијата и лекарите во Германија, зборуваат за истрагата и дијагнозите и зошто не е почната размена на информации и практичната работа на експертите кои се компетентни за ова прашање.

Захарова уште го праша германскиот министер за надворешни работи кои точно фактички информации германската страна им ги презентирала на партнерите во НАТО и ЕУ, кога руската амбасада во Берлин ќе може да добие официјални одговори на бараната информација со цел да и ги пренесе на Москва, и зошто Германија не ги открива податоците, на кои се повикува.

Руското обвинителство и полицијата ги почнаа своите истраги на првиот ден од хоспитализацијата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во Омск на 20 август, а руското обвинителство побара од Германија да објави информации за медицинските испитувања на рускиот блогер и прелиминарните дијагнози до кои е дојдено.

Back to top button
Close