СДСМ и Левица го поддржуваат денешниот протест на земјоделците

Опозициските СДСМ и Левица изразија поддршка за протестот на земјоделците кој ќе се одржи денеска од 11 часот на патот Прилеп-Битола кај селото Тополчани.

Од СДСМ велат дека со месеци предупредуваат за состојбата во земјоделството и сточарството и незадоволството на земјоделците и сточарите поради ниските откупни цени на пченицата, на млекото, како и за неисплатените субвенции. За ваквата состојба тие ја обвинуваат власта, која, според нив, носи погрешни и криминални политики.

Од СДСМ велат дека не само декларативно, туку и конкретно го поддржуваат протестот со поднесените законски измени во Собранието со кои се бара директна финансиска помош на земјоделците и сточарите. Ја повикаа власта да го поддржи предлог-законското решение.

СДСМ предлага законски измени за директна финансиска помош за земјоделците

Покрај СДСМ, поддршка за денешниот протест на земјоделците изрази и Левица.

„Ова е глас на производителите кои со години го носат товарот на една погрешно поставена аграрна политика во која државата има средства и инструменти кога треба да се спасува ликвидноста на помоќните, но за производителот секогаш има ново ‘ќе биде’“велат од Левица во писменото соопштение.

Партијата го повика министерот за земјоделство Борче Серафимовски да излезе на протестот за директно да се соочи со земјоделците и сточарите и да ги слушне нивните барања.

„Ако има храброст, нека излезе пред нив, нека ги погледне во очи и нека им објасни како треба да преживеат со откупни цени под производната цена, со неисплатени субвенции и со род кој им скапува по нивите или со стада што умираат од болести“коментираат од Левица.

Организаторите на протестот велат дека тој е израз на незадоволство и борба за правата, трудот и иднината на земјоделските производители. Најавија дека собирот ќе биде мирен и достоинствен.

Back to top button
Close