Мицкoски ќе побара разрешување на директорот на Македониумот
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека уште денеска од министерот за култура и туризам Седат Сулејмани ќе побара да бидат разрешени директорот и членовите на Управниот одбор на Националната установа Историски музеј „Крушево“, под чија надлежност е и споменикот „Македониум“.

Неговата изјава следува откако вчера во јавноста беше објавено дека косовскиот рапер Дон Џони за 500 евра го изнајмил споменикот „Македониум“ во Крушево за да сними делови од спотот за својата песна „Секси мама“.
Прашан да го коментира случајот, Мицкоски рече дека она што се случило не би требало да се случи и им се извини на граѓаните за направениот пропуст.
„Ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорт на таа институција заедно со членовите на Управниот одбор бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Им се извинувам на граѓаните поради тоа што е направен тој пропуст. Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори. Така што, уште денеска ќе побарам Управниот одбор и директорот на таа културна институција да бидат разрешени“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
За случајот претходно денеска се произнесе и ресорниот министер за култура и туризам Седат Сулејмани, кој рече дека случајот е чувствителен, но дека допрва треба да се разгледаат правните аспекти за како да се постапи.
Директорот на НУ Историски музеј „Крушево“, Миха Оџаклиески, вчера во писмена изјава за медиумите потврди дека просторот е отстапен врз основа на претходна одлука на Управниот одбор и дека не е првпат споменикот да се отстапува за слични намени по соодветна цена.






