Можно е годинава да имаме уште еден ребаланс на Буџетот – најави Мицкоски
„Очекуваме до крајот на годината да бидеме покуси за шест до седум милијарди денари од она што сме го планирале и затоа е можно дотогаш да имаме уште еден ребаланс на Буџетот“, изјави премиерот велејќи дека ова е резултат на трошокот од мерките за горивата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека до крајот на годината се очекува Буџетот да биде покус за меѓу шест и седум милијарди денари од планираното, поради што се разгледува можноста за уште еден ребаланс.
Одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, премиерот посочи дека најголем дел од отстапувањето во Буџетот се должи на мерките за одржување на ниските цени на горивата во земјава.
„Очекуваме до крајот на годината да бидеме покуси за шест до седум милијарди денари од она што сме го планирале и затоа е можно дотогаш да имаме уште еден ребаланс на Буџетот“,изјави денеска премиерот.
Тој рече дека само врз основа на акцизата, мерките за задржување на цените на горивата ќе го чинат Буџетот околу пет милијарди денари, а Буџетот би бил покус за дополнителни една до две милијарди денари поради намаленото ДДВ за горивата. Додаде дека приоритет на Владата останува стандардот на граѓаните, контрола на, како што рече, ниското ниво на инфлацијата и одржување на ниските цени на горивата.
„Не би рекол дека кај нас инфлацијата има голем замав, два месеци по ред таа е контролирана и е под европскиот просек. Во јули беше 2,3 проценти, во август беше 2,6 процети, Ќе видиме како ќе биде во септември. Сè што е од 2 до 3 отсто е во рамките на очекуваното“изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Можноста за уште еден ребаланс на Буџетот неодамна ја најави и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа рече дека ресорното Министерство анализира дали ќе биде потребен нов ребаланс или ќе се оди со пренамена на пари за да се покријат празнините во државната каса.






