На средношколските протести во Франција уапсени 625 лица, повредени 199, меѓу кои 83 полицајци

Во протестите и блокадите на средните училишта во Франција се уапсени 625 лица, а во судирите со полицијата се повредени 199 лица, меѓу кои 83 полицајци, соопшти францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нунез.

Тој го осуди „таргетирањето на полицајците, фрлањето предмети и насилството“, како и „урбаното насилство“.

 

Според Нунез, полицијата интервенирала со „голема доза на умереност“, а во тек се истраги во врска со повредувањето на учениците.

 

„Тоа се малолетници кои се соочуваат со полицијата. Очигледно е дека полицијата сразмерно употребува средства како солзавец“, рече Нунез.

 

Движењето на средношколците продолжува, поттикнато и од поединци од левичарската партија „Непокорна Франција“ (ЛФИ) и со поддршка на студентите.

 

Лидерот на ЛФИ, Жан-Лик Меланшон, претходно вчера ги отфрли обвинувањата на францускиот претседател Емануел Макрон дека неговата партија поттикнува немири за време на протестите на средношколците низ земјата.

 

Францускиот министер за високо образование, Филип Батист, ја обвини ЛФИ дека поттикнува насилство за време на блокадите на средните училишта што се одржуваат во повеќе градови низ земјата, додека претседателот Макрон изјави дека политичките лидери не треба да бидат со учесниците на протестите за да „шират страв и да го поттикнуваат најлошото“.

Средношколците низ Франција од почетокот на неделата ги блокираат влезовите во училиштата, додека државните службеници стапија во штрајк поради планираните буџетски кратења и условите за работа.

Протестите се интензивираа последните денови. Во Париз се блокирани околу десет проценти од училиштата, главно во предградието Сен Дени. Во Лил вчера беа запалени контејнери пред едно средно училиште, додека во Лион дошло до судири меѓу полицијата и учениците.

Back to top button
Close