Каракачанов го кани Мицкоски вo сабота во Софија, од ВМРО-ДПМНЕ му вратија: Покани ги Заев и Филипче

Лидерот на бугарската ВМРО, Красимир Каракачанов, вчера испратил покана до премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да ја посети Софија и да присуствува на церемонијата на положување на посмртните останки на цар Самуил кои Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија. Притоа, како што посочуваат од партијата на Каракачанов, тој ја упатил поканата до Мицкоски повикувајќи се на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година, кој предвидува двете држави заеднички да одбележуваат историски личности и настани.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја отфрлија поканата и му одговорија на Каракачанов дека е посоодветно истата да ја испрати до Зоран Заев и Венко Филипче за кои велат дека се негови истомисленици.

„Во однос на поканата на Каракачанов до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски за присуство на пренесувањето на моштите, би посочиле дека посоодветно е поканата да ја испрати до неговите истомисленици Зоран Заев и Венко Филипче. Впрочем, да не заборавиме дека Заев беше тој кој велеше дека Бугарите биле ослободители, а не фашисти, дека биле администратори, дека македонскиот јазик е после 1944 година итн. А Венко Филипче и денес има идентичен став со бугарската политика – прво Бугари во Устав, а потоа сè друго“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на „удирањето во гради со пренесувањето на моштите на цар Самуил во Бугарија“, од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека англискиот крал Ричард I е во Франција, па тоа не го прави Французин.

„Притоа, ќе потсетиме и на мудриот потег на Бугарија во минатото, кога моштите на Гоце Делчев ги предаваат на Македонија. Добро е да објасни тогаш што е Гоце Делчев за нив и бугарските гласноговорници? За нас, за разлика од Заев, Филипче или Каракачанов, вистината е едноставна, а тоа е дека тој е еден од најсветлите ликови во македонската историја. За жал, таа мудрост ја нема официјална Софија, но истовремено ја поздравуваме возбудата со која Бугарија го почитува делото на цар Самуил, кој има неизбришлива трага во Македонија“, додаваат од владејачката партија.

Back to top button
Close