Филипче: Зарем мислите дека Фон дер Лајен не знае дека Мицкоски ги контролира медиумите

Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче од Собранието побара поддршка за предложеното зголемување на минималната плата на 600 евра, како и за субвенционирање на придонесите за приватните компании за делот што произлегува од зголемувањето.
„Апелирам да го поддржат законот и минималната плата да се покачи на 600 евра. Направени се пресметки и укажавме од каде може да ги најдат парите: нека скратат од луксузот, патувањата, мебелот и автомобилите“, рече Филипче.
Тој ги повика пратениците да го поддржат и субвенционирањето на придонесите, со цел зголемувањето на платите да не претставува дополнителен товар за приватните компании.
Филипче ги повика пратениците да го поддржат и законот за финансиска поддршка во земјоделството, посочувајќи дека земјоделците се соочуваат со ниски откупни цени и повисоки производствени трошоци.
Тој ја критикуваше економската политика на Владата, говорејќи за буџетскиот дефицит, задолжувањето, состојбата во пензискиот фонд и растот на цените. Според Филипче, граѓаните се соочуваат со намален стандард и отсуство на соодветни мерки за ублажување на последиците од поскапувањата.
Во однос на измените на законите поврзани со усогласувањето со Законот за Влада, Филипче рече дека СДСМ нема да поддржи намалување на критериумите за именување раководни кадри.
За Изборниот законик, тој посочи дека СДСМ ќе поддржи измени што се исклучиво согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но не и предлози за електронско гласање на дијаспората, гласање по пошта и поинакво бележење на гласачкото ливче.
Филипче се осврна и на односите со Бугарија и Грција, оценувајќи дека историјата треба да им се препушти на историчарите, додека политичарите треба да зборуваат за иднината.
Во врска со критиките од членови на „Платформата“ во СДСМ, Филипче ги повика поранешните партиски функционери кои сакаат да помогнат да се вклучат во партиските активности.






