Хакерски упад во систем на Пентагон: загрозени податоци за 3,1 милион луѓе
Пентагон соопшти дека неовластени корисници имале пристап до податоци за речиси 3,1 милион луѓе преку информатичкиот систем Defense Manpower Data Center (DMDC).

Според американски претставници, неовластениот пристап траел од октомври 2025 до јули 2026 година. Инцидентот опфатил податоци за околу 2,76 милиони живи лица и уште околу 294.000 починати.
Меѓу потенцијално компромитираните информации се наоѓаат броеви на социјално осигурување, како и податоци за работните места и функциите на воени и цивилни вработени.
„Мал број неовластени корисници имале пристап до лични податоци“, соопшти американски претставник од одбраната. Од Пентагон велат дека веднаш откако бил откриен проблемот, ранливоста била отстранета и дека засега нема докази оти податоците биле злоупотребени.
DMDC е еден од клучните системи на американското Министерство за одбрана и содржи податоци поврзани со голем број воени и цивилни вработени. Покрај ризикот од кражба на идентитет, потенцијален проблем претставуваат и информациите за работните места и функциите на лицата, особено кога станува збор за чувствителни позиции.
Засега не е објавено кој стои зад неовластениот пристап ниту како била искористена ранливоста. Нема ниту потврда дека напаѓачите навистина ги презеле податоците, иако неовластениот пристап е потврден.






