Талибанците ги отфрлаат налозите на МКС за апсење на четворица функционери – не ја признаваат надлежноста на судот
Талибанската влада во Авганистан ја отфрли одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за четирите налози за апсење на високи талибански функционери, оспорувајќи го авторитетот и надлежноста на судот врз Авганистан, јави ДПА.

„Авганистан не признава никаков суд под називот ’Меѓународен суд‘, ниту пак придава какво било значење на неговите ставови“, изјави доцна синоќа портпаролот на талибанската влада, Забихула Муџахид.
Муџахид изјави дека талибанските лидери не извршиле никакви дела што би оправдале апсење или казнување од страна на кој било суд. Тој рече дека талибанската администрација е обврзана од исламскиот шеријат и сопствениот правосуден систем, а не од она што тој го опиша како „разузнавачки субјекти или таканаречени судови“.
МКС издаде налози за апсење на четворица високи талибански функционери поради наводни злосторства против човештвото, извршени преку систематско ускратување на правата на жените и девојчињата во Авганистан.
Од враќањето на талибанците на власт во 2021 година, на авганистанските девојчиња им е забрането образование по завршувањето на основното училиште – одлука што Талибанците првично ја нарекоа „привремена суспензија“, иако оттогаш не се направени никакви промени.
Покрај тоа, од авганистанските жени се бара да имаат машки старател кога патуваат на долги растојанија и тие се исклучени од повеќето владини работни места, појаснува германската агенција.
Талибанците негираа дека вовеле целосна забрана за активностите на жените, укажувајќи на верските училишта за девојчиња и наведувајќи дека жените работат во области каде што нивниот ангажман е потребен, како и дека водат приватни бизниси.
Одлуката на МКС беше објавена во моментот кога министерот за надворешни работи на талибанците, Амир Кан Мутаки, престојуваше во Москва на регионална конференција за Авганистан.






