Случај „Ѓоко Ристов“: Обвинителството најави анализа на кредибилитет на сведокот Фехми Стафа, одбраната бара одговори за доказите
Сведочењето на осудениот адвокат Фехми Стафа, кој денеска беше сослушан како сведок на предлог на одбраната во судскиот процес против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, предизвика спротивставени реакции кај Обвинителството и одбраната. Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека станува збор за сведок кој е правосилно осуден во постапка директно поврзана со предметот, чии наводи дополнително ќе бидат анализирани во завршниот збор, додека бранителот на Ристов, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, рече дека сведочењето отвора сериозни прашања за постапувањето на истражните и обвинителските органи.

Осврнувајќи се на исказот на Стафа, обвинителката Хаџи Василева изјави дека кредибилитетот на сведокот ќе биде предмет на понатамошна оцена.
– Денеска сведочеше сведок чиј кредибилитет секако ќе биде предмет на анализа и коментар од страна на Обвинителството во завршниот збор. Тоа е местото и времето кога се прави таква анализа. Во секој случај, ова е сведок кој, во суштина, е обвинет и веќе правосилно осуден во постапка што е директно поврзана токму со овој предмет и со судењето против овде обвинетиот – изјави Хаџи Василева.
Таа додаде дека за неговите наводи веќе постојат постапки и документација.
– Внимателно забележавте, а вашата забелешка е точна, дека неговото сведочење беше насочено особено против мене како обвинител. Меѓутоа, јас не сакам оваа постапка да ја оптоваруваме со работи за кои постојат докази. За тоа постојат кривични пријави, претставки и барања за изземање. Сите тие документи се дел од обвинителскиот предмет и од постапувањата – рече обвинителката.
Таа нагласи дека Обвинителството не ги темели своите постапки само на сведочења, туку и на други видови докази.
– Обвинителството, а особено во овој предмет, исказите на секој сведок ги поткрепуваше со материјални, вербални и, најважно, електронски докази, односно директен говор меѓу инволвираните лица во постапката. Тука спаѓаат и Фехми Стафа, и Љупчо Пецов, и сите останати – изјави Хаџи Василева.
Во однос на улогата на Љупчо Пецов во постапката, обвинителката посочи дека пријавувањето на корупција треба да се охрабрува.
– Љупчо Пецов Ѓаволот, во оваа ситуација и во овој предмет, беше соработник и сведок кој пријавил криминал, се одважил да го пријави. Во таа смисла, и тогаш и сега, сакам повторно да упатам порака дека пријавувањето кривични дела, особено корупција, е нешто што силно го охрабрувам. Треба да се пријавува што е можно повеќе, бидејќи тоа е единствениот начин да се бориме против овој тип криминал – рече таа.
Од друга страна, адвокатот Давидовиќ оцени дека исказот на Стафа отвора дилеми околу доказите во предметот.
– Тие материјални докази никаде не се прикажани. Мораме да ѝ веруваме на збор на обвинителката, како што ѝ веруваме и во овој предмет дека постојат коруптивни дејствија, но во ниту еден предмет не е прикажано каде е примен поткупот за судијата Ѓоко Ристов. Ќе мораме да ѝ веруваме на збор, бидејќи ниту во тој предмет тие докази не беа изведени – изјави Давидовиќ.
Во врска со сведочењето на Стафа, тој рече дека оценката за неговиот исказ треба да ја дадат судот и јавноста.
– Мислам дека сите сте возрасни и професионални новинари и дека сами ќе го оцените и коментирате исказот. Јас можам да кажам само едно. Ако Обвинителството, како државен орган, на кој му стојат на располагање сите можни државни институции, како огромен апарат на присила и репресија, го злоупотребува тоа право, тогаш не им се пишува добро на граѓаните – вели Давидовиќ.
Тој додаде дека одбраната не го брани кривичното дело, туку инсистира на почитување на законските права на сите учесници во постапката.
– Ние во судница не го браниме криминалот и не го браниме делото за кое се товари обвинетиот. Ние се обидуваме да се почитуваат законските права кои му се загарантирани на секој што ќе дојде во судир со законот. Ако самото Обвинителство не ги почитува тие права, врши притисок и се заканува кон обвинети, сведоци и други лица вклучени во истражната постапка, тоа покажува до колку ниски гранки сме паднале – изјави Давидовиќ.
На денешното рочиште Фехми Стафа, кој издржува затворска казна по спогодба со Обвинителството, сведочеше дека никогаш не дал поткуп на судијата Ристов и дека парите кои биле предмет на постапката биле адвокатска награда и заем. Тој тврдеше дека признанието на вина го дал поради притисоци и поради условите во притвор, а не затоа што делото навистина било сторено.
Судењето продолжува на 8 октомври со сослушување на родителите на судијата Ристов и полициски службеник од Неготино.
Случајот против Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против судијата Ристов се води постапка за случајот со 350.000 евра пронајдени при претрес во дом на неговите родители во Неготино, за кои Обвинителството соопшти дека не биле пријавени и дека потеклото на средствата не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.






