Во дефект апаратите за компјутерска томографија на Радиологија, пациентите се пренасочуваат во две скопски клиники

Апаратите за компјутерска томографија на Универзитетскиот институт за радиологија се во дефект и во тек е нивно сервисирање, информираат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека се прават напори апаратите што побрзо да бидат вратени во функција.

Од почетокот на оваа недела е направена реорганизација на упатувањето на пациентите, со цел тие навреме да ја добијат потребната здравствена услуга.

До повторното ставање во функција на апаратите, КТ-снимањата се вршат во ГОБ „8-ми Септември“ и во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Според Министерството, со оваа организација се обезбедува континуитет во здравствената заштита, згрижување на итните пациенти и навремена дијагностика.

Распоредот за КТ-снимање е следниот:

ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ – Оддел за дијагностичка и интервентна радиологија

Од 08:00 до 14:00 часот

Од 20:00 до 02:00 часот

ЈЗУ Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје

Од 14:00 до 20:00 часот

Од 02:00 до 08:00 часот

Од Министерството посочуваат дека оваа организација е привремена и ќе важи сè додека апаратите на Универзитетскиот институт за радиологија не бидат повторно ставени во функција. Пациентите и лекарите се повикани да ја почитуваат утврдената временска динамика.

За сите промени во состојбата, како и за повторното воспоставување на редовниот режим на работа, навремено ќе бидат информирани здравствените установи, службите и јавноста.

Министерството за здравство соопштува дека вложува напори за што побрзо оспособување на апаратите, а дополнително се работи и на обезбедување термини во други соодветни јавни здравствени установи.

Од Министерството апелираат темата да не се користи за дневнополитички цели, наведувајќи дека системот за упатување веќе е реорганизиран и пациентите ја добиваат потребната здравствена услугa.

Back to top button
Close