Почна да работи еден од компјутерските томографи на Радиологија, прегледите ќе се закажуваат во две смени

Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје од денеска повторно е во функција и е достапен за дијагностички прегледи, информираа од Министерството за здравство.

Од Институтот започнале организирано да ги повикуваат пациентите и да закажуваат нови термини за оние чии прегледи беа привремено презакажани поради дефектот. За да се реализираат прегледите во најкраток можен рок, работата е организирана во две смени, а ќе се работи и во текот на претстојниот викенд, во согласност со расположливите капацитети и медицинските приоритети.

Вториот компјутерски томограф, кој се наоѓа во хируршкиот комплекс и првенствено се користи за дијагностика на итни пациенти, сè уште е на сервис. Од Министерството очекуваат постапката да заврши во најскоро време.

Во меѓувреме, итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и во Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје, согласно меѓуинституционалната координација за обезбедување континуитет на неопходните дијагностички услуги.

Од Министерството за здравство апелираат да не се шират непроверени информации за состојбата, со цел да не се нарушува довербата во здравствениот систем.

Back to top button
Close