16-годишник случајно се застрелал во вратот со пиштол од татко му
Шеснаесетгодишно момче е тешко повредено во инцидент со огнено оружје што се случил во саботата вечерта во белградската населба Врачар. Тинејџерот бил во својот дом со неколку другари кога ненадејно дошло до несреќата со пиштолот што му припаѓал на неговиот татко.

Според информациите што ги објави српски „Блиц“, во станот во тој момент имало петмина тинејџери, кои го разгледувале оружјето.
Станувало збор за пиштол што таткото на повреденото момче го наследил од својот дедо.
Според досегашните информации, момчето најверојатно сакало да им го покаже оружјето на своите пријатели.
Додека го разгледувале пиштолот, шеснаесетгодишникот ставил шаржер со муниција, по што оружјето испукало и куршумот го погодил во вратот.
По инцидентот, повредениот тинејџер се фатил за вратот и излегол на терасата. На местото на настанот набргу пристигнала екипа на Итната медицинска помош, која му ја укажала потребната медицинска помош.
И покрај сериозноста на повредата, момчето било свесно кога пристигнале лекарите. Тој им објаснил дека си играл со пиштолот и дека оружјето случајно испукало.
По укажаната прва помош, бил пренесен во Ургентниот центар, каде што требало да добие понатамошен медицински третман.






