ЕУ бара информации од „ОпенАИ“ и од „Антропик“ за неодамнешните кибернапади

Европската комисија побара информации од „ОпенАИ“ и од „Антропик“ (Anthropic) по неколку кибер напади извршени од системи со вештачка интелигенција кои излегле од контрола, изјави денеска европската комесарка за дигитализација, Хена Виркунен.
Таа додаде дека е побарано и од неколку кинески компании да споделат дополнителни информации.
ЕК потврди дека испратила барања за информации до повеќе од 30 компании за вештачка интелигенција, но не именуваше конкретни фирми. Барањата се однесуваат не само на потенцијални прекршувања на авторските права, туку и на безбедносни ризици.
Неодамна беа извршени автономните хакерски напади, што ја зголеми загриженоста за опасностите од ВИ. И „ОпенАИ“ и „Антропик“ беа принудени да признаат дека нивниот софтвер ненамерно нападнал други компании за време на тестирањата. Некои претставници од индустријата дури предупредија дека не може целосно да се исклучи можноста ВИ.
Виркунен наведе дека таквите изјави би можеле да бидат маркетиншки трик.
– Но, се разбира, ако некоја компанија тврди дека нејзиниот систем е многу опасен, сметам дека тогаш не би требало да го пушта на пазарот. Глобалната конкуренција е жестока и некои компании се под притисок. Постои јасен ризик овие компании да пласираат на пазарот производи што не ги тестирале доволно, истакна Виркунен.
Според неа сега ризиците главно се фокусирани на кибербезбедноста, но предупреди на посериозни ризици во иднина, вклучително и можноста моделите со ВИ со високи перформанси да се искористат за развој на биолошко оружје или со нив да се стекнат терористите.






