(ВИДЕО) ДУИ по обвинувањата за полициска бруталност врз двете момчиња објави и видео, МВР отвори истрага
Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера вечер објави видеоснимка на социјалните мрежи за која тврди дека го прикажува полициското насилство врз две млади лица при интервенција што се случила во средата. По случајот, внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи веќе започнала истрага.

На видеото, снимено оддалеку во ноќни услови, се гледаат неколку лица кои пред паркиран автомобил физички напаѓаат други лица со клоци и тупаници. Снимката е без звук, а низ маглата се забележуваат и полициски ротациски светла.
„Застрашувачко видео од тепањето двајца млади мажи од страна на полицијата! Одговорност!!!“, наведуваат од ДУИ во описот на објавената снимка.
Вчера, опозициската партија објави и фотографии од момчињата, за кои тврди дека биле брутално нападнати и малтретирани од полициски службеници.
Од ДУИ побараа итна, непристрасна и транспарентна истрага, како и одговорност за секое евентуално незаконско постапување на полициските службеници. Партијата побара и оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени, како и целосна институционална одговорност за случајот.
По обвинувањата, Министерството за внатрешни работи соопшти дека внатрешната контрола започнала да го истражува случајот.






