Полицаец aлбанец од криминалистичката полиција „главен тепач“ на момчињата за кои реагираат партиите од албанскиот блок, покажале првичните проверки во МВР

Полициски службеник од албанска националност, дел од криминалистичката полиција, е посочен како главен учесник во наводното физичко малтретирање на двајца млади Албанци на возраст од 21 и 23 години. За случајот веќе е поведена постапка за внатрешна контрола, а според сознанијата на „Скопје1“,тој ќе добие строга санкција.

Случајот предизвика реакции кај опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса на Албанците и ДУИ, кои објавија фотографии од повредите на младите и побараа целосно расветлување на настанот и одговорност за евентуалното пречекорување на полициските овластувања.

Според информациите што ги објавија партиите, двајцата млади тврдат дека биле физички нападнати од полициски службеници и дека при интервенцијата било оштетено нивното возило.

ДУИ наведува дека во интерниот полициски извештај стои дека младите му го одзеле службениот пиштол на еден од полицајците. Тие, пак, тврдат дека оружјето завршило во нивниот автомобил откако полициските службеници го скршиле стаклото.

Според нивните тврдења, полицајците употребиле огнено оружје, ги дупнале гумите на возилото, а потоа ги врзале и ги легнале на земја, каде што, како што наведуваат, биле физички малтретирани.

Алијансата на Албанците порача дека полицијата мора да биде гаранција за безбедноста на сите граѓани, а не причина за страв.

„Секое пречекорување на овластувањата, неразумна употреба на сила или малтретирање мора да добие соодветен институционален и правен одговор. Во оваа ситуација, молкот на ВЛЕН и на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени е неприфатлив“, соопштија од партијата.

Од ДУИ побараа оставка од заменик-министерот Исени и целосна истрага за постапувањето на полициските службеници.

„Правата и достоинството на граѓаните не смеат да бидат повредувани од оние чија должност е да ги штитат“, наведуваат од ДУИ.

По објавувањето на случајот се огласи и Министерството за внатрешни работи, од каде што соопштија дека министерот Панче Тошковски наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да ги испита сите околности.

„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници. По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, соопштија од МВР.

Според неофицијалните сознанија на „Скопје1“, во фокусот на постапката е полицискиот службеник од криминалистичката полиција кој е посочен како главен учесник во физичкиот напад. Информациите укажуваат дека се очекува санкционирање, но од МВР засега нема официјална потврда дека е утврдена одговорност или дека е изречена дисциплинска мерка.

Внатрешната контрола треба да утврди што точно се случило, дали била употребена прекумерна сила, под кои околности било употребено огненото оружје и каква била улогата на секој од инволвираните полициски службеници објави Скопје1.мк

Back to top button
Close