Трамп го поддржа погубувањето со стрелање, Венс за можното пренесување во живо: Нема да го гледам

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс вчера изрази сомнеж дека Пентагон навистина ќе го пренесува во живо погубувањето на Надал Малик Хасан, осуден за нападот во воената база Форт Худ, закажано за декември. Тој пред новинарите изјави дека лично нема да го гледа преносот доколку дојде до негово емитување, објави Асошиејтед прес.

На прашањето за плановите што Пентагон ги потврди завчера, републиканскиот потпретседател одговори:

„Не знам дали тоа навистина ќе се случи“.

Венс потоа се обиде да го насочи разговорот подалеку од контроверзите околу јавното погубување, нагласувајќи дека злосторствата на Хасан не смеат да бидат заборавени.

Хасан беше осуден бидејќи во 2009 година, во вооружен напад во воената база Форт Худ, уби 13 и рани 32 лица

„Без оглед на контроверзите околу методот на погубување, се надевам дека луѓето нема да заборават дека станува збор за човек кој брутално уби многу невини луѓе“, изјави Венс.

„Сепак, сакам да кажам дека, ако на крајот има пренос во живо, јас нема да го гледам“, додаде тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп во средата, на политички собир во Тексас, го поддржа погубувањето на Хасан со стрелање, коментирајќи дека тој „го заслужил тоа“.Сепак, Трамп во петокот не даде јасен одговор на прашањето дали сака погубувањето да се пренесува во живо.

„Во моментов носат одлука за тоа“, им рече тој на новинарите пред да замине на собир во Сиракуза. Притоа, повторно ја изрази поддршката за стрелањето како метод на погубување.

„Тој ќе биде убиен. Ќе биде погубен со стрелање“, изјави Трамп.

„Всушност, ми е сеедно како ќе замине, важно е само да замине. Сметам дека смртната казна во неговиот случај е сосема соодветна“, додаде тој.

Трамп не одговори на прашањето дали лично би го гледал преносот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close