Филипче: Имаме аманет и обврска да ја чуваме државата

И лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, го честиташе 11 Октомври – Денот на народното востание.
-Со положување цвеќе пред споменикот „Жена борец“, на Могилата на непобедените и во Участокот во Прилеп, оддадовме почит на хероите кои ги положија своите животи за слободата на Македонија.
Нивната жртва е вградена во темелите на нашата државност, а нивната храброст и непокор се траен потсетник дека слободата, правдата и достоинството се вредности за кои вреди да се бориме.
СДСМ е наследник на државотворните политики на партизаните и на вредностите на антифашистичката борба. Тоа наследство не е само дел од нашата историја, туку и аманет и обврска да ја чуваме државата, да ја развиваме и да создаваме подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
Нашите предци се изборија да имаме своја држава. Наша историска задача е да се избориме нивната жртва да има смисла, Македонија – слободна, праведна, демократска и европска држава, во која младите ќе ја градат својата иднина.
Нека е вечна славата на паднатите борци, рече Филипче.
Извор: fokus.mk






