Мециновиќ и Диро заедно положија цвеќе во Куманово: Потребни се сили што ќе умеат да соработуваат околу заедничките цели

Делегација на Левица предводена од пратеникот Амар Мециновиќ, како и делегација со Горан Стојковски – Диро од „Ред за Куманово“, денеска заедно положија цвеќе по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
Горан Стојковски – Диро, кој беше независен кандидат за градоначалник на Куманово на изминатите локални избори, во објава на Фејсбук пропратена со видео од настанот, наведува и дека антифашизмот е повик за обединување на целиот народ.
„Каде, ако не од Куманово? Анти-фашизмот е повик за обединување на целиот народ! Со пратеникот во Собрание Амар Мециновиќ и делегација на Левица на положување свежо цвеќе на спомен костурницата на паднатите борци од НОБ во Куманово. Нека е честит овој голем антифашистички празник Македонијо! Смрт на фашизмот – слобода на народот!“, напиша тој.
Од Левица пак, велат дека 11 Октомври е симбол на организираниот отпор против фашизмот, но и потсетник дека слободата, народното достоинство и социјалната правда никогаш не биле подарени, туку извојувани преку заедничка борба.
„Наследството на народноослободителната борба нè обврзува и денес да ги надминеме тесните партиски интереси таму каде што постои заедничка волја за одбрана на интересите на граѓаните. За Левица, опозициското дејствување подразбира одговорност, солидарност и подготвеност за заедничка акција. Во време кога граѓаните очекуваат вистинска алтернатива на политиките на актуелната власт, потребни се сили што ќе умеат да соработуваат околу заедничките цели и да понудат отпор што произлегува од потребите на народот“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека ќе продолжат да градат соработка со сите опозициски сили подготвени да дејствуваат, како што велат тие, во интерес на граѓаните.
Извор: 360stepeni.mk






