Струен удар му изгорел 80 отсто од телото на четиринаесетгодишник откако се качил на покрив на воз во Германија

Четиринаесетгодишно момче се здобило со повреди опасни по живот откако претрпело силен струен удар на железничка пруга во германскиот град Келн. Несреќата се случила синоќа околу 21 часот, додека тинејџерот се возел на покривот на регионален експресен воз, практика позната како „сурфање на воз“.

Според првичните информации, се претпоставува дека до струјниот удар дошло поради близината на високонапонските водови. За време на возењето, меѓу контактната мрежа и момчето на покривот на возот настанал електричен лак, објави „Билд“.

Патниците слушнале силен тресок и крици, по што веднаш го известиле машиновозачот. Тој ја активирал сопирачката за итни случаи и го запрел возот во близина на улицата Полигштрасе.

Спасувањето било особено сложено бидејќи тешко повредениот тинејџер се наоѓал на покривот на вагонот. Пред спасувачките екипи да му пристапат, било неопходно да се исклучи електричното напојување на контактната мрежа и да се заземјат водовите.

Откако опасноста од струен удар била отстранета, спасувачите успеале да го симнат момчето од возот и да му укажат итна медицинска помош. Поради сериозноста на повредите, на местото бил повикан и спасувачки хеликоптер, кој слетал на блиската раскрсница за да овозможи што побрз транспорт до болница.

Според информациите од полицијата, момчето се здобило со изгореници на околу 80 отсто од површината на телото.

Полицијата спроведува истрага за утврдување на сите околности на несреќата, вклучително и како тинејџерот успеал да се качи на покривот на возот, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close