„Мицкоски најави 1.000 евра просечна плата а нема 600 евра за минимална, на бајките нема крај“, вели СДСМ

СДСМ преку соопштение го критикува премиерот Христијан Мицкоски по најавата за просечна плата од 1.000 евра, оценувајќи дека ветувањето не соодветствува со економската состојба на граѓаните и одбивањето на предлогот за минимална плата од 600 евра.
Од партијата наведуваат дека СДСМ го поднел предлог-законот за зголемување на минималната плата, но тој не бил поддржан во Собранието. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ не гласала за предлогот, Левица не била присутна во салата, а ЗНАМ не го поддржало.
СДСМ потсетува и на претходните изјави на власта за зголемувањето на пензиите и економските резултати, оценувајќи дека станува збор за ветувања што не ја отсликуваат реалноста.
„Нема 600. Има илјада. Нема плата. Има цртање. На бајките на арамијата им нема крај. Сметката ја плаќа народот“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ тврдат дека две минимални плати не ја покриваат ниту намалената владина потрошувачка кошничка, додека синдикалната кошничка со трошоците за кирија надминува 90.000 денари. Тие ја критикуваат и висината на цените на горивата и предупредуваат дека граѓаните сè потешко ги покриваат основните животни трошоци.
Според СДСМ, просечна плата од 1.000 евра не може да се постигне само со најави, туку со конкретни мерки, меѓу кои зголемување на минималната плата и намалување на трошоците за живот. Од партијата додаваат дека нивните предлози за справување со кризата не биле прифатени, а цените продолжиле да растат.
Извор: skopje1.mk






