(Видео) Поројна поплава во Непал уништи мостови, куќи и градилишта на хидроцентрали. Се трага по пет исчезнати лица, евакуирани 95 луѓе

Screenshot

Непалската војска и спасувачките екипи пристигнаа во селата погодени од поројна поплава што ден претходно го зафати подрачјето покрај реката Будхи Гандаки во централниот дел на Непал. Со хеликоптери и копнен транспорт се доставуваат храна и неопходни материјали, а жителите и туристите се евакуираат на безбедни места, објави АП.

Надлежните потврдија дека се трага по пет исчезнати лица, но засега нема информации за загинати. Според владата, системот за рано предупредување им овозможил на повеќето жители навреме да се засолнат на повисок терен.

Непалската управа за справување со ризици од катастрофи соопшти дека досега на безбедно во блиските градови се пренесени 95 лица, меѓу кои и девет странски државјани.

Поплавата била предизвикана од одрон што го блокирал текот на реката кај селото Чумчуре. Водениот бран што потоа надојдел уништил или оштетил пет мостови, како и градилишта на три хидроцентрали. Уништени се и десетици куќи и земјоделски површини.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како надојдената река носи различни предмети, а сè уште не е познат точниот број на погодени планински села.

Низ поплавеното подрачје минуваат планинарски патеки кои се популарни меѓу туристите, а октомври е еден од месеците со најголем број посетители. Храна, шатори и лекови до достапните локации се пренесуваат со камиони, додека до оддалечените села се доставуваат со воени хеликоптери.

Реката Будхи Гандаки се влева во реката Тришули и претставува важен водотек во близина на главниот град Катманду.

Непал сè уште се опоравува од катастрофалните поплави што во август го погодија планинското подрачје долж границата со Кина. Во таа катастрофа загинаа повеќе од 1.400 луѓе, а илјадници и натаму се водат како исчезнати.

Канцеларијата на непалскиот премиер Балендра Шах на 5 октомври соопшти дека операциите за пребарување и спасување поврзани со августовската катастрофа се завршени, а напорите сега се насочени кон обновување на инфраструктурата.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close