Заев: Верувам дека до крајот на неделава ќе има договор за заменик-министрите и за собраниските комисии 

Премиерот Зоран Заев верува дека до крајот на неделава ќе биде постигнат договор за заменик-министрите во Владата, како и за претседатели и заменици на собраниските комисии. Проблеми вели нема, туку само се води квалитетна дебата да се најде заеднички јазик на местата да се постават најквалитетните кадри кои се на располагање.

– Верувам дека до крајот на неделава ќе ги завршиме сите консултации и разговори со потенцијалните кандидати за заменик-министри за да можам како мандатар, сега веќе како премиер, да ги доставам до Собранието за одлучување. Ова е процес во кој се водат разговори со партнерите, сакаме да го избереме најквалитетното од тоа што го имаме како понуда, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање пред средбата во ССМ.

Жалам, рече Заев, што доста квалитетни кадри не се нафааќат на функции поради тоа што имаат поголеми плати во приватниот сектор каде работат. 

Премиерот додаде дека нема проблем ниту во распределбата на местата во собраниските комисии.

– Во Парламентот нема проблеми околу формирање на комисиите не повеќе отколку што имало секогаш при нивно формирање. Прво дебатата меѓу власта и опозицијата за распределба е јасна оти се знае колку места имаат едните, колку другите. Во моментов во владината коалиција гледаме како најодговорно да се постават кадрите од Парламентот за максимални ефекти и ефикасност во работата, рече премиерот Заев.  

Верувам, додаде тој, дека овие денови ќе се најде решение и тоа само врз основа на аргументи преку една квалитетна дебата која е во тек и дека од неа ќе излезат најдобрите решенија за претседатели и членови на собраниските комисии.

Back to top button
Close