Зошто Мицкоски не бара екстрадиција на Груевски како што бара враќање на Ива Михаилова, праша СДСМ
„Скандалот со пуштањето на Ива Михаилова го откри договорот под радар, под маса направен во Софија. Муцунски договори, Тошковски ја пушти, Мицкоски одобри, границата е швајцарско сирење, а одговорност нема. Сега Мицкоски се плетка сè повеќе во обид да го заташка скандалот“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска

Од опозицискиот СДСМ денеска обвинија дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски се вмешани во скандалот со бегството, или како што го нарекоа од СДСМ, пуштањето на Ива Михаилова во Бугарија.
„Скандалот со пуштањето на Ива Михаилова го откри договорот под радар, под маса направен во Софија. Муцунски договори, Тошковски ја пушти, Мицкоски одобри, границата е швајцарско сирење, а одговорност нема. Сега Мицкоски се плетка сè повеќе во обид да го заташка скандалот“рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Портпаролката Кузеска реагираше на изјавата на Мицкоски дека случајот со Михаилова ќе го презентира пред НАТО, констатирајќи дека Мицкоски молчи за случајот со поранешниот премиер Никола Груевски кој избега во Унгарија.
„Зошто не се жали, зошто со истата гласност и не бара негово враќање од Унгарија? Ива е осомничена ама Груевски е осуден. Каде е најавеното ново барање за екстрадиција на Груевски? Во мај, пред 4 месеци, владата на Мицкоски најави дека кога ќе ги комплетира докуметните ќе поднесе ново барање. Патуваа документите со денови, се собираа документите, не оваа среда, следниот петок. Потоа велеа дека чекаат да се формира нова Влада во Унгарија. Поминаа 4 месеци, ново барање за екстрадиција на Груевски не е пратено. Уште една лага на Мицкоски. Вистината е дека тој го штити Груевски и не сака да бара екстрадиција. Времето потврдува дека Мицкоски сè што ќе каже – лаже. Криминалци штитат криминалци, тоа е суштината. А за Ива, пред да се жали за некој друг, Мицкоски мора да ги даде одговорите дома. Не ‘кога тогаш’ туку сега. Не да го штити Тошковски, не да ја заменува одговорноста. Правдата и законот мора да важи за сите подеднакво. Бандата треба да знае дека одговорност ќе има, сите до еден ќе одговараат“рече Кузеска.
На 12 октомври Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, на која ѝ се суди во Кочани поради сообраќајка со смртни последици, ја напуштила земјава заедно со својот адвокат и заминала за Бугарија, иако во рамките на постапката, како мерка на претпазливост ѝ се одземени личните документи.






