(ВИДЕО) Насилни протести во Италија: полицијата употреби солзавец во Милано, водени топови во Болоња

До насилните инциденти дошло за време на протестите против високите животни трошоци, кога дел од демонстрантите се одвоиле од главната поворка и се судриле со полицијата.
Momenti di tensione a Milano durante il corteo indetto da ‘Italia in Piazza’: in via Broletto, non lontano da piazza del Duomo, la polizia in assetto antisommossa ha caricato i manifestanti che cercavano di forzare il cordone. https://t.co/TbjxMizjZf
— LaPresse (@LaPresse_news) October 17, 2026
Полицајци опремени за разбивање немири се обиделе да ги отстранат демонстрантите со покриени лица од галеријата „Виторио Емануеле Втори“, луксузната трговска аркада што се наоѓа покрај плоштадот пред катедралата.
Поради немирите, продавниците во централното градско подрачје ги спуштиле ролетните, а туристите почнале да го напуштаат подрачјето. Метростаницата „Дуомо“, која се наоѓа во близина на катедралата, била затворена за време на судирите.
Според италијанските медиуми, во инцидентите биле повредени неколку лица, а полицијата извршила и повеќе апсења. Засега не се наведуваат точниот број на повредени и уапсени во Милано.
Судири и во Болоња, уапсени седум лица
Насилство имало и во северниот италијански град Болоња, каде што полицијата употребила водени топови за да ги растера демонстрантите откако протестот прераснал во судири.
Новинската агенција АНСА објави дека во Болоња биле уапсени седум лица.
Инцидентите во Италија се случуваат во период на засилени протести во повеќе европски земји, поттикнати од незадоволството поради растот на животните трошоци и влошувањето на јавните услуги.
Во соседна Франција, десетици илјади граѓани во саботата излегоа на улиците поради зголемените трошоци за живот и проблемите со јавните услуги. Демонстрациите прераснаа во насилни судири во повеќе градови, што според извештаите претставува еден од најнасилните бранови протести во земјата во последните неколку години






