Слика на Никола Мартиноски, што ја насликал во Париз, се продаде за 44.000 евра на аукција во Франција

Сликата „Шахисти“ на македонскиот сликар Никола Мартиноски беше продадена за 44.000 евра на аукција во францускиот град Тулуз. Делото, кое претходно беше проценето на 4.000 до 6.000 евра, достигна цена десетпати повисока од горната граница на проценката, а со провизијата за аукциската куќа конечниот износ за купувачот изнесува околу 55.000 евра.

Аукцијата ја организираше француската аукциска куќа „Camille Chabroux Maison de ventes aux enchères“, а наддавањето се одржа минатата среда, со директен пренос преку францускиот портал „Друо“, објави Влатко Милошевски, автор на фејсбук-профилот „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“.

Делото, изработено во техника масло на платно, датира од 1928 година, кога Мартиноски престојувал во Париз. Според информациите објавени во објавата на Фејсбук, сликарот ја создал композицијата во едно париско бистро, за време на својот двегодишен престој во француската престолнина.

Авторот на објавата ја оценува „Шахисти“ како едно од антологиските дела на Мартиноски, во кое се преплетуваат влијанијата на париската кубистичка авангарда од доцните 1920-ти години и препознатливиот експресивен стил на македонскиот сликар. Динамиката на ликовите и живоста на композицијата, според неговата оцена, ја прават сликата особено впечатлива.

Мартиноски наводно ја подарил на свој француски пријател, по што таа останала во Јужна Франција. Неколку години пред пандемијата на ковид-19, сопственикот, според авторот на објавата, контактирал со македонски галерии и музеи, најверојатно со намера да ја продаде. Сепак, се претпоставува дека бараната цена била превисока за домашниот пазар.

По тој период, трагата на делото и неговиот сопственик се губи, сè до појавувањето на аукцијата во Тулуз.

Иако постигнатата цена изнесува 44.000 евра, конечниот трошок за купувачот е значително повисок. Со провизијата од 24 проценти, износот достигнува околу 55.000 евра. Сликата е во лоша состојба, со пукнатини во боениот слој, мали дупчиња и оштетувања на бојата, поради што е потребна професионална реставрација.

Според информациите во објавата, купувачот е сопственик на уметничка галерија во Белград,позната по својата колекција на дела од уметноста на поранешна Југославија. Тој или негов претставник бил присутен на аукцијата во Тулуз, а се очекува делото да биде пренесено во Белград.

Како што беше објавено на Фејсбук и Галерија „Мартиноски“ учествувала на аукцијата во Тулуз. Во објавата се вели дека од галеријата вложиле огромен напор „шахистите“ да дојдат во Македонија, но дека другите учесници дале подобри понуди. Тие добиле ветување дека делото сепак ќе биде достапно на македонските научници, а ќе се разгледа и опцијата „Шахисти“ барем привремено да се изложи во Македонија.

 

 

Back to top button
Close