Средба на министерот Димитров со амбасадорката на Германија Холштајн
Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Гизеле Холштајн, прва по преземањето на неговата нова функција.
Во фокусот на разговорот, како што соопштија од Секретаријатот за европски прашања, беше заедничкиот стремеж за влез во следната фаза од евроинтеграцискиот процес – одржување на првата меѓувладина конференција за формално почнување на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија и тоа за време на германското претседателство со Советот на ЕУ.
– Блиску сме до целта, која што всушност ќе претставува почеток на најважното европско патување за нашата земја. Привилегија е што ја имаме Германија за пријател кој ќе ни помогне да ја преминеме линијата на заедничкиот успех – првата меѓувладина конференција со историски предзнак, истакна Димитров.
Амбасадорката Холштајн на Димитров му посака успех во новите предизвици кои што ја носат новата функција, потенцирајќи ги неговите заслуги за постигнувањата на Северна Македонија како на европскиот, така и на евроатлантскиот пат.
– На агендата на германското претседателство во однос на вашата земја има конкретна цел – успехот кој што несомнено го заслуживте со напорната работа на европскиот пат, да биде заокружен оваа година. Токму по одржувањето на меѓувладината конференција следуваат предизвиците или како што вели германската изрека – тешкото започнува на рамно (Die Mühen der Ebene), рече Холштајн.