Почесна артилериска стрелба и параден концерт во пресрет на Денот на независноста
Во пресрет на утрешното одбележување на Денот на независноста 8 Септември вечерва во касарната „Илинден“ во Скопје беше извршена почесна артилериска стрелба, а во центарот на Скопје параден концерт одржа Градскиот гудачки концерт.
Истрелани беа пет плотуни од артилериски орудија од страна на артилерискиот баталјон на Армијата на Република Северна Македонија.
Парадниот/маршовски концерт на Градскиот дувачки оркестар се одвиваше на потегот од Музејот на град Скопје кон плоштад „Македонија“ на ул. „Македонија“.
Владина делегација утре ќе положи цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, а централната прослава ќе биде на отворено во дворот на Владата каде ќе се обрати премиерот Зоран Заев.
Годинава, поради пандемијата со Ковид-19, прославата се одржува во посебни услови согласно со протоколите на Комисијата за заразни болести за одбележување државни празници, односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.