Најмалку 73 војници загинаа во напад на јеменските бунтовници Хути врз воен камп за обука во јужен Јемен

Бројот на загинатите во ракетниот напад на јеменските бунтовници Хути врз воен камп на владините сили во јужен Јемен се искачи на 73 лица, што е најсмртоносен напад од обновувањето на интензивните борби во земјата пред три месеци, соопшти висок владин претставник.
Сите загинати се регрути на возраст меѓу 18 и 20 години, а некои од нив сè уште се водат како исчезнати, еден ден по нападот со балистички ракети врз кампот за обука „Ал Алам“ во јужната провинција Шабва, изјави гувернерот на провинцијата, Авад Ибн ал Вазир.
Во нападот се повредени и повеќе од 200 припадници на војската, според локалните претставници кои го осудија настанот како „подмолен и крвав напад“, а ДПА забележува дека податоците за жртвите не можат да бидат независно потврдени (во претходните извештаи се наведуваше дека има над 30 загинати). Армиски портпарол соопшти дека Хутите истрелале три ракети врз кампот за обука на новопримени припадници на безбедносните сили.
Бунтовниците Хути, кои се поддржани од Иран, в;era ја презедоа одговорноста за нападот, тврдејќи дека цел им биле саудиски војници во областа. Групата ја обвини Саудиска Арабија дека во период од 48 часа извршила повеќе од 200 ракетни и воздушни напади врз Сана и други провинции, односно над 2.700 напади од почетокот на последната ескалација. Саудиска Арабија се бори на страната на меѓународно признатата влада на Јемен и сојузничките формации за да ги одбие Хутите, а воената коалиција претходно соопшти дека пресретнала и уништила уште една ракета насочена кон Ријад.
Нападот е дел од интензивирањето на борбите во Јемен кое започна во јули, кога силите на меѓународно признатата влада и коалицијата предводена од Саудиска Арабија извршија воздушни напади врз меѓународниот аеродром во Сана под контрола на Хутите, со што беше нарушен договорот за прекин на огнот од 2022 година.






