Администрацијата на Трамп поништи над 300.000 визи од почетокот на вториот мандат

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поништила повеќе од 300 илјади визи од почетокот на неговиот втор мандат во јануари 2025 година, соопшти вчера Стејт департментот.

Според претходните податоци објавени на 10 август, до тој датум биле поништени повеќе од 175 илјади визи, што покажува дека поништувањето визи изминатите семици се спроведувало со забрзано темпо.

Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, кој информацијата ја објави на социјалната мрежа „Икс“, напиша дека администрацијата на Трамп „поништила повеќе визи и тоа побрзо од која било друга администрација во историјата“.

Нулта толеранција кон странските државјани со визи кои го прекршуваат законот, вршат измами или ја загрозуваат националната безбедност“, стои во објавата.

Трамп тврди дека строгата имиграциска политика и депортациите се насочени кон зајакнување на безбедноста во земјата.

Организациите за човекови права предупредуваат дека таквите мерки ги нарушуваат правото на правична постапка и слободата на говорот. Тие, исто така, предупредуваат дека е создадена несигурна атмосфера, особено за етничките малцинства чии припадници се жалат на расно профилирање.

Активистите особено го критикуваат поништувањето на визите на странски државјани кои учествувале во пропалестински демонстрации против израелските напади врз Газа

Back to top button
Close